За време на синоќешниот протест во Скопје, во кој беа повредени десетици граќани и полицајци, полицијата интеревенирала за да спречи насилен упад во Собранието, а преземените мерки и активности биле согласно процедурите.

-Во текот на вчерашниот јавен собир во Скопје, пред зградата на Собранието, дел од демонстрантите, од кои голем број маскирани, насилно ја турнаа заштитната ограда и почнаа со фрлање на камења и пиротехнички средства и други предмети кон зградата на Собранието и полицискиот кордон, воедно обидувајќи се насилно да влезат во Собранието. – соопшти МВР.

Во протестот повредени се 10 полициски службеници, а седум лица побарале лекарска помош. Приведени се 26 лица. МВР информира и за други инциденти.

Околу 21:30 часот околу 50 демонстранти, движејќи се во група се упатиле кон Плоштад Македонија и насилно упаднале во два угостителски објекти, каде искршиле дел од инвентарот и предизвикале паника и страв кај присутните гости, а во еден објект демонстрантите врз гостите фрлиле солзавец. Во близина на хотелот Холидеј ин запалено е комбе Фиат, а огнот бил изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита.- велат од МВР.

Во врска со приведениот новинар на порталот Инфомакс, МВР информира дека тој одбивал да се легитимира, а притоа дал активен отпор.

-Постапувајќи согласно процедурите , лицето е однесено во полициска станица и по утврдувањето на неговиот идентитет, истото веднаш е пуштено. Министерството за внатрешни работи уште еднаш апелира новинарите и снимателите кои ги извршуваат своите работни задачи во текот на известувањето да го почитуваат етичкиот кодекс на однесување и со своите постапки да не ги попречуваат службените лица во извршувањето на своите задачи, при заштитата на јавнот ред и мир.- се вели во соопштението на МВР.

OhridNews