Единицата за компјутерски криминал во рамките на своите надлежности и овластувања при тековното работење и откривање на кривични дела од областа на компјутерскиот криминал бележи зачестена појава на интернет измами со нелегално превземање и измамничко посредување во деловната комуникацијата преку електронска пошта (е-маил) помеѓу македонски компании и нивните бизнис партнери од странски земји претежно од Азија, Африка и Латинска Америка.

Како што информираат од МВР, добро организирани меѓународни криминални групи со примена на т.н spam пораки и методи на phishing  успеваат да ја  “украдат”  лозинката  за  пристап до емаил-от на еден од бизнис партнерите при што добиваат непречен пристап до историјата на целокупната комуникација. Криминалните групи креираат нови е-маил адреси кои минимално односно за еден карактер се разликуваат од оригиналните и  истите тешко се забележуваат во комуникацијата (на пример [email protected] наместо  [email protected]  

Измамниците со примена на “украдената” лозинка  ја преземаат оригиналната порака , ја модифицираат и ја препраќаат од еден од лажно креираните емаил адреси. На тој начин двете страни во комуникацијата се ставени во заблуда дека комуницираат со вистинскиот партнер. Најчесто измамниците, кои се претставуваат како вистинскиот партнер – испорачател на договорената стока му испракаат порака на партнерот – набавувач  дека  ЈА ИМАТ ПРОМЕНЕТО БАНКАРСКАТА СМЕТКА ЗА УПЛАТА на средствата и бараат авансните средства да бидат уплатени на нова сметка која ја доставуваат во прилог на пораката. Овие криминални групи располагаат со банкарски сметки во многу земји од светот: САД, Хонг-Конг, Кипар..и многу често доколку некоја од сметките е блокирана за краток рок доставуваат алтернативна сметка за уплата.

За успешно разоткривање на ваквите меѓународни криминални групи и пронаоѓање на сторителите потребна е соработка и координација помеѓу надлежните институции во земјите на засегнатите страни како и со други меѓународни институции за борба против организираниот криминал. Бидејќи процесот на разрешување и санкционирање согласно меѓународно-правните регулативи е  долготраен.

Министерството за внатрешни работи  препорачува превентивно делување во насока на сузбивање на овој вид кривични дела што опфаќа: внимателност при промена на ентитететите во комуникацијата (промена на е-маил адреса, промена на лице за контакт , промена на банкарска сметка и сл.), компаниите меѓусебно да обезбедат повеќекратен начин на авторизација и автентикација  (телефонска потврда на наведеното во емаил пораката, дигитални потписи на пораките и сл.). Доколку се забележат сомнителни  содржини, од МВР советуваат случајот да се пријави во Единицата за компјутерски криминал пред да се изврши уплатата.

OhridNews