Министерството за внатрешни работи денеска објави јавен оглас за засновање на работен однос на 600 извршители на работно место полицаец, согласно своите организациски потреби, како и согласно одредбите од законите за внатрешни работи и за полиција, и соодветните подзаконски акти.
Имено, за работната позиција полицаец во Секторот за внатрешни работи Скопје се бараат 300 извршители, во Секторот за внатрешни работи Охрид се отворени места за 100 извршители, прием за 30 извршители е овозможен во Секторот за внатрешни работи Тетово, по 20 во секторите за внатрешни работи во Струмица, Куманово, Штип, во Одделот за заштита на определени личности и објекти, како и во Регионалните центри за гранични работи Север и Запад. По 15 извршители се бараат во секторите за внатрешни работи Битола и Велес, а по 10 извршители во регионалните центри за гранични работи Исток и Југ, информираат од МВР.
Покрај општите услови наведени во огласот, кандидатите, наведуваат, треба да исполнуваат и посебните услови, и тоа потребна телесна висина од најмалку 175 см (мажи), 165 см (жени) и висока лична физичка подготвеност, а во потребната документација како доказ за исполнување на потребните услови за работното место се извод од матична книга на родените, диплома за завршено четиригодишно средно образование и две фотографии (3,5 см х 4,5 см), како и своерачно потпишана изјава со која потврдува дека истиот не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија.

Избраните кандидати за полицаец склучуваат договор за основна обука за полицаец во времетраење од една година, која ќе се спроведе во Центарот за обука во Министерството за внатрешни работи и на неа се упатуваат за 10 проценти поголем број кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан овој оглас, односно во Центарот за обука ќе бидат упатени вкупно 660 кандидати, додаваат од МВР.
Рокот за доставување на пријавите изнесува 15 дена, сметано од наредниот ден од денот на објавување на јавниот оглас, не сметајќи го денот на самото објавување.
Ненавремената и непотполна документација нема да се разгледува. Кандидатите се охрабруваат да ја посетат веб страната на Министерството за внатрешни работи www.mvr.gov.mk, од каде можат да добијат информации за функциите, надлежноста и делокругот на работа на Министерството за внатрешни работи, додаваат во соопштението.
OhridNews














