МВР со низа мерки превентивно ќе дејствува за спречување на насилството на спортските терени. Како што изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, неопходно е да се изврши дефинирање на посебните услови кои треба да ги исполнат спортските објекти, опфатени со Законот за спорт.
– Тоа значи дека ќе треба да се изврши реконструкција на постоечките спортски објекти, како и просторот околу истите, поради зголемување на безбедноста на посетителите. Оваа мерка би требала да опфати воспоставување на надворешен безбедносен периметар, ограда, околу спортскиот објект, воспоставување на посебни влезови и излези за гостински навивачи, воспоставување на посебни приоди до влезот за гостински навивачи на спортскиот објект, создавање на услови цела трибина или дел од трибина да биде посебно одвоена за гостински навивачи со заштитни средства за да може да се спречи фрлање на предмет, како и поставување на безбедни седишта на сите спортски објекти кои ќе бидат нумерирани, изјави Јанкулоска.
Следна мерка која што би требала да биде преземена е изменување на Кривичниот законик и Законот за прекршоците на утврдување на санкција забрана за влез на спортски натпревар. Измените би имале цел создавање на правна обврска за организаторот на спортскиот напревар за контролирана продажба на билети, што подразбира пред да се пуштат во продажба, да се оствари координација со МВР како и да се предвиди можноста по барање на Полицијата од безбедносни причини организаторот да го ограничи бројот на влезници кои ќе бидат пуштени во продажба и да го намали бројот во однос на вкупниот капацитет на спортскиот објект.
МВР предлага и проширување на надлежностите и овластувањата на редарската служба, како и да се утврди критериумот за тоа што ќе значи доволен број на редари кои ќе бидат ангажирани за обезбедување на спортскиот натпревар. Со Законот би требало да се воспостави евиденција во Министерството за внатрешни работи за лица на кои им е изречена мерка забрана за присуство на спортски натпревари, како и заострување на казнената политика, односно неовластеното влегување во спортскиот терен, употребата на огнотехнички средства, палење на државното знаме, а во зависност од понатамошните анализи и други недозволени поведенија да се пропишат како кривични дела, со можност за изрекување казна затвор.
Исто така се предвидува и преземање на социјални и едукативни мерки.
Анализирајќи ги состојбите настанати при одржување на спортските натпревари во изминатите пет години, констатирано е дека насилството и недостојното однесување е присутно во континуитет, при што на годишно ниво просечно се регистрирани по 17 инциденти или приближно по два во месеците кога има зачестени натпревари.
OhridNews