Со зголемениот број на посетители на туристичките места низ државата, клучно е да се почитуваат личните мерки за заштита и донесените протоколи за работа на плажите и базените од страна на сите, апелира Министерството за здравство. Но, колку тоа всушност е возможно и кој може да контролира десетици илјади гости, главно млади, кои викендов ја запоседнаа охридската ривиера? Одгововорот веројатно го дава оваа фотографија од популарната плажа Градиште направена денеска. Не само што нема физичка дистанца и задолжително носење заштитна маска како што налага здравствениот протокол, туку нема и каде игла да падне.

Охрид викендов е преполн со домашни туристи, кои поради актуелната ситуација и затворените граници масовно го запоседнаа најголемиот туристички центар во земјата, но впечаток е дека сите малку како да подзаборавија на актуелната здравствена состојба.

Не се само плажите полни со луѓе. Навечер и шеталиштата и летните тераси на угостителските објекти исто така се преполни од посетители. Забележливо е дека дел од луѓето не носат ниту заштитни маски.

Каков ќе биде економскиот ефект од оваа туристичка сезона, ќе се знае откако ќе се направи есапот, дотолку повеќе што структиурата на гостите кои ова лето летуваат во Охрид е значително изменета, а со тоа и цените на услугите, кои во голема мера се адаптирани на клиентелата. Но, исто така, ќе треба да се сумираат и здравствените последици од масовното собирање на голем број луѓе на мал простор. Колку Охрид ќе добие или загуби оваа сезона, и која ќе биде „цената на успехот“, ќе треба да ја почекаме сметката која бргу ќе стигне на наплата.

Г. Момироски