Од месната заедница на Долно Лакочереј информираат жителите дека се врши континуирано хлорирање на водата од водоводниот систем во Долно Лакочереј.
– За таа цел навремено се набавува средство за дезинфекција на водата од овластени фирми. Исто така поставен е современ автоматизиран систем за хлорирање на водата и набавен е компаратор за хлор со што секојдневно се врши мерење на количината на хлор во системот за водоснабдување. Имајќи во предвид дека поради климатските промени од година во година се намалува издатноста на изворот од кој се полнат резервоарите за вода, упатуваме апел до жителите разумно да ја користат водата, велат од МЗ на Долно Лакочереј.
Поради се позачестената појава на диво приклучување на водоводниот систем, во наредниот период М.З. Долно Лакочереј ќе врши чести контроли. Потенцираат дека за лицата кај кои ќе биде утврдено дека незаконски се приклучиле на водоводниот систем ќе бидат поднесени пријави до надлежните инспекциски служби.
Пред десеттина дена при извршените анализи на надлежните служби на водата за пиење во селата Горно и Долно Лакочереј беше утврдено отсуство на хлор. Во водоводот во Горно Лакочереј забележано беше присуство на бактерија ешерихија коли, а истата бактерија беше пронајдена и во изворот кај црквата Св. Недела во Долно Лакочереј.
Од страна на овластен инспектор беа дадени препораки до месните заедници во селата во кои е утврдена неисправност на водата за пиење да минат задолжителна обука која ќе ја спроведе Центарот за јавно здравје од Охрид, со цел да стекнат вештини за одржување на селските водоводи.
OhridNews