Македонскиот кошаркарски клуб МЗТ Скопје Аеродром во наредната година ќе се натпреварува во реномираната регионална лига АБА, соопшти раководството на клубот. Со ова металците стануваат првиот клуб од Македонија, кој конечно ќе настапи во Јадранската лига, која е формирана во 2001 година.

Договорот со кој МЗТ во наредните три години ќе биде дел од АБА лигата, во вторникот во Љубљана го потпишале градоначалникот на Општина Аеродром Ивица Коневски и претседателот на клубот Сашо Босилков и раководните луѓе на Јадранската лига.

„Со овој потег, МЗТ Скопје успеа на еден ваков начин да ја врати македонската клупска кошарка таму каде што и е местото, меѓу најдобрите клубови од бившите југословенски простори. Се надеваме дека љубителите на кошарката ќе можат од октомври да уживаат во настапите на МЗТ Скопје против врвни екипи како Макаби, Партизан, Цибона, Олимпија, Црвена Звезда и други, рече Босилков.

Во Јадранската лига досега играле повеќе македонски кошаркари, но само Тодор Гечевски, кој сега е член токму на МЗТ, остави трага на листите со рекорди.

Македонскиот центар е водечки во лигата според вкупниот број скокови, 1.060 скока, сите додека играше за Задар.

Ohridnews

Тој е прв и во категоријата „индексни поени“, 2.476, кои се показател за корисноста на играчот во текот на еден меч (МВП).