Најмногу дожд изминатото деноноќие наврна во Охрид – 16 литри на квадратен метар, по што следат Попова Шапка со девет и Тетово со еден литар на квадратен метар, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Делови од Охрид беа зафатени со град кој им зададе главоболки на земјоделците, предизвикувајќи штети на посевите насадени со пролетни култури.

Обилните врнежи од дожд во краток временски период предизвикаа поплави на дворови и објекти за домување во пониските делови од градот. Водата по престанокот на врнежите полека се повлекува.

Жители од улицата „Сирма Војвода“ јавуваат за паднато дрво во близина на станбена зграда со број 108/6 и предупредуваат дека постои опасност да паднат уште неколку.

Веднаш по невремето на терен излегоа дежурни екипи на ЈП Охридски Комуналец.  Кај каналот Студенчишта отстранета е скршена гранка која го попречуваше движењето на пловните објекти по каналот и на пешаците в долж рекреативната патека.

Екипите задолжени за одржување на јавната чистота интервенираа на фреквентните јавни пешачки површини за чистење на наносите од земја и песок. Со цистерна асистиравме кај колективна зграда каде беше излеана канализација, информира ЈП Охридски Комуналец.

По дождот и градот кои наврнаа вчера во Охрид, денеска не очекува сончево и малку посвежо со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер. Максималната температура ќе достигне 27 степени.

Г.М.