Премиерите на Македонија и Албанија, Христијан Мицкоски и Еди Рама, денеска на граничниот премин „Ќафасан“ го промовираа системот „One Stop Shop“, кој треба да го олесни движењето на патниците и превозот на стоки меѓу Македонија и Албанија. Системот ќе се применува од понеделник, 23 ноември, а граничните и царинските контроли ќе се вршат на едно место, со едно застанување во секоја насока.

Мицкоски рече дека полесниот премин на границата ќе ги доближи двете земји и ќе придонесе за развој на туризмот. Во обраќањето ги посочи Охрид, Струга и другите општини на Охридското крајбрежје, како и албанското приморје.

 

Очекувам овој начин на комуникација да продолжи и на другите гранични премини коишто ги имаме со нашиот западен сосед, Албанија, и на тој начин дополнително да ги зголемиме врските помеѓу граѓаните од двете страни на границата, рече Мицкоски, според обраќањето објавено од Владата.

Рама го оцени новиот систем како конкретен чекор што ќе им го олесни преминувањето на границата на милиони патници. Тој најави дека моделот ќе се прошири и на другите гранични премини меѓу двете земји.

Албанскиот премиер рече и дека соработката ќе продолжи на други заеднички проекти, со акцент на Коридорот 8.

На почетокот на обраќањето, Мицкоски го честиташе и 22 Ноември – Денот на албанската азбука, истакнувајќи го значењето на празникот за кохезијата во македонското мултиетничко општество.

OhridNews
Фото: Влада на РМ