За неполни две седмици ГРК Охрид ќе го одигра клучниот натпревар во борбата за пласман во ЕХФ Европската лига. На гости доаѓа екипата на Алкалоид – директниот конкурент во борбата за излез во второто по квалитет клупско натпреварување на стариот континент. Оттаму натпреварот што ќе се игра во рамки на 2 коло од плејофот има огромно значење. Победникот добива се`.

Влезот за натпреварот ќе биде бесплатен, а ГРК Охрид ги повикува навивачите да ја исполнат салата „Билјанини извори“ и да бидат осмиот играч на екипата во битката за ЕХФ Европската лига. Поддржувачите со сезонски билети ќе бидат сместени со V блок над ВИП зоната.

Бидете дел од натпреварот на сезоната кој може широко да ги отвори вратите за пласман во ЕХФ Европската лига кладе настапуваат екипи од најквалитетните лиги како што е Бундес лигата, Француското првенство, Португалија, Скандинавија… Со победа над Алкалоид ГРК Охрид ќе направи огромен исчекор кон остварување на оваа цел, велат од клубот.

Охрид и Алкалоид сезонава се сретнаа два пати во регуларниот дел од сезоната. Во Скопје мечот заврши без победник, а во Охрид победа извојуваа „гладијаторите“. На табелата води Вардар со 44 бода пред Е. Пелистер со 40, Охрид има 39, а Алкалоид 35.

Натпреварот помеѓу Охрид и Алкалоид ќе се одигра на 14 март, сабота, со почеток во 18 часот и ќе има хуманитарен карактер. На влезовите во салата „Билјанини извори“ ќе бидат поставени кутии за донации, а собраните средства ќе бидат донирани за лекување на младата Ева.

Г.М.