На 19-ти јули на сцената кај ТЦ Амам најмладите ќе имаат прилика да ја проследат театарската претстава за деца „Во домот на Волшебникот”. Претставата е работена наменски и е посветена на децата, информираат од општинската прес служба.
Општина Охрид во рамките на програмата за култура оваа година активно работи на програма за нашите најмлади охриѓанчиња. Токму овој период кога во регионот сериозно е видливо насилството помеѓу децата, а и кај нас, нужна е потребата преку театар да се прикаже дека за секој проблем и недоразбирање не е решение насилството, туку разговорот, меѓусебното подавање на рака, искреното пријателство. Низ низа драмски ситуации во кои главната нитка е мудроста на волшебникот, наспроти денешното однесување на децата, ќе упатиме јасна порака: Со насилство НЕ, со дружба може СЕ!, велат во соопштението.
Во претставата, додваат, има многу комичнини, едукативни, педагошки елементи, а најважно е дека присутна е интеракцијата на децата од публиката.
Заедно со актерите ќе дојдат до главната порака на претставата, а притоа да увидат дека само преку искрен и другарски пристап можеме да успееме во се. Претставата изобилува со преубава музика, сценографија и костимографија, потенцираат во соопштението.
Во неа играат актерите кои децата ги познаваат од народните приказни. Магдалена Ризова-Черних ја игра улогата на помошничка, Сашо Ристовски е волшебникот, додека младата Тамара Ангелеска ја игра улогата на девојчето.
OhridNews