Собранието на Република Македонија на 27 јули ќе ја почне седницата за избор на новата влада. Претседателот на Парламентот Трајко Вељаноски, во текот на денот ќе ја закаже седницата која според Деловникот за работа на Собранието трае најмногу два дена.

Според Деловникот за работа на Собранието седницата за избор на владата се одржува во рок од 15 дена од денот на приемот на Предлогот за состав на владата и Програмата.

На седницата мандатарот Груевски ќе ја образложи Програмата и Предлогот за состав на владата пред пратениците. Редоследот на пратениците кои ќе учествуваат во претресот го утврдува претседателот на Собранието, на начин кој обезбедува учество во расправата на пратеници од различни политички партии застапени во Парламентот.

Гласањето за избор на владата се врши по Предлогот за состав на владата во целина со јавно гласање. Изјаснувањето се врши по завршувањето на претресот, а најдоцна на полноќ.

OhridNews