Основниот суд во Охрид на 30-ти април ќе ја соопшти пресудата во судскиот спор што го покренаа сопствениците на пет стана во колективна зграда на ул. „Карпош Војвода“ во населбата Расадник, кои пред неколку месеци беа предмет на извршување поради спор што го водат јавното претпријатие за стопансисување со станбен и деловен простор и инвеститорот на објектот „Трудбеник“ – Охрид.
Во судот во Охрид денеска се одржа главното рочиште на кое правните застапници се произнесоа по предметот и ги изнесоа своите гледишта и докази.
Правниот застапник на станарите, се повика на законот за облигациони односи според кој, како што беше истакнато на рочиштето, штом правата и обврските во купопродажба се исполнети во поголем дел или целосно практично иако становите на тужителите не биле запишани во катастар тие се сопственици на тој имот, посочувајќи дека тие правото на сопственост го стекнале уште во моментот кога ги исплатиле парите за становите и ги склучиле договорите, односно им било предадено владението врз нив. Тужителите бараат од јавното претпријатие и градежната фирма да им ја признаат сопственост на станарите.
Правниот тим на јавното претријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, пак, се повикува на Законот за катастар, посочувајќи дека со моментот на упис на имотот во јавните книги се стекнува правото на сопственост. На рочиштето уште беше истакнато дека становите кои беа предмет на извршување за неподмирени обврски на градежната компанија кон јавното претпријатие и, во катастар не фигурирале на име на тужителите.
На денешното рочиште не присуствуваше другата тужена страна.
Станарите на петте станови од зграда на улица „Карпош Војвода“ тврдат дека поседуваат релевантни документи и договори дека становите се целосно или во најголем дел платени и се предадени во нивно владение пред повеќе години и редовно ги подмируваат јавните давачки кои уредно на нивно име им пристигнуваат на домашна адреса. Тие бараат инвовлираните страни меѓусебно да го решат спорот согласно закон, а не на штета на граѓаните и да ја почитуваат приватната сопственост.
OhridNews