На 4 и 5 јули Охрид станува епицентар на коктел културата. За првпат годинава охриѓани и посетителите ќе може да уживаат во коктели што ги разигруваат сетилата, богата музичка програма и атмосфера што не смее се пропушти.
Од BNJ production, организатори на Ohrid Cocktail Festival, посочуваат дека истиот е наменет за сите љубители на коктели, добра музика и едукација и има за цел да ја збогати локалната културна сцена и да привлече посетители од различни краеви.
Идејата за организирање на Фестивалот потекнува од желбата да се направи културен настан. Охрид во летниот период е епицентар на збиднувањето. Сакавме да направиме една традиција со цел да ги поканиме најдобрите барови кои подготвуваат коктели во Македонија да земат учество и да продаваат коктели по промотивни цени. Засега се пријавени 13 учесници од кои 6 од Скопје, 6 од Охрид и еден од Прилеп, тоа се познати барови кои ќе ги подготвуваат коктелите. Секој бар ќе има по 2-3 шанкери, посочуваат организаторите.
Настанот, велат, е планирано да започне околу 19 часот со едукативни сесии каде искусни бармени ќе зборуваат за коктелот некогаш и сега, каде ќе нè однесе следната доза на креативност и која е формулата за коктел бренд од светска класа.
Предвидени се три едукативни сесии, две првиот ден и една вториот. Покрај музичката програма, целта ни беше на публиката и сите заинтересни за коктели да им доловиме некој вид на едукација, повеќе општо во насока на начин на подготовка на коктели, градење брендови… Идејата ни беше настанот да биде на покултурно ниво и затоа вклучивме и дел едукација и дел музичка програма за да имаме еден комплетен фестивал, потенцираат.
Коктелите, посочуваат од BNJ production, кои ќе се понудат нема да бидат стандардни, туку ќе бидат ексклузивни.
Секој бар ќе достави од три до пет коктели и ќе има доста можности за посетителите, па дури и некои коктели ќе се пробаат за првпат на овој Фестивал. Центарот на збиднувањата во насока на подготовка и промоции на коктели и ваков тип на настани досега беше Скопје. Во Охрид има доста добри коктел мајстори и пред се барови кои ги промовираат коктелите, но тоа е кратко поради сезоната. Со Фестивалот сакаме не само да ги поттикнеме баровите да ги зголемат своите менија, туку и самите посетители да се запознаат што може Охрид да понуди, додаваат.
Воедно, информираат дека покрај баровите кои ќе бидат дел од Фестивалот, ќе има и промо зона каде компании од овој сектор, алкохолната индустрија, ќе може да се промовираат годинава само преку рекламен материјал, без дегустација.
Во двата фестивалски денови за музичкиот дел ќе бидат задолжени локалните диџеи Face, Jaybeats, Rootboy Selector и Gec, како и бендовите No Fun и Urban planet.
Организаторите се надеваат дека по официјалното прво издание на Фестивалот истиот традиционално ќе се одржува и наредните години и ќе добие Балкански карактер прераснувајќи во сериозна манифестација.
Фестивалот има 15 поддржувачи, а генерален спонзор е Жито леб. Истиот се реализира и со поддршка на Општина Охрид. Ohrid Cocкtail Festival ќе се одржи на кеј „Македонија“ пред хотелот „Палас“.
Н.С.Ј.