На 7 јули во Охрид ќе биде презентиран вториот јавен повик за доделување грантови за развој на социјални услуги на локално ниво кој го спроведува Проектот за подобрување на социјалните услуги имплементиран при Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светска банка.

Пред присутните претставници на општините, невладините и граѓанските организации и други заинтересирани граѓани од регионот ќе бидат презентирани можностите кои ги нуди Проектот за развој на социјални услуги согласно потребите на локално ниво и начинот на кој општините и организациите може да се вклучат во повикот.

Проектот за подобрување на социјалните услуги има за цел создавање нови поквалитетни социјални услуги согласно потребите на граѓаните, вклучително и услуги за ран детски развој, велат од МТСП.

Со развојот на нови достапни социјални услуги согласно потребите на граѓаните на локално ниво, се добиваат двојни придобивки. Прво, големо задоволство е лично да се види како обезбедената поддршка на корисниците на развиените услуги им го подобрува квалитетот на живот. Второ, но исто така важно за овој дел од социјалната реформа е вклучување на пазарот на трудот на социјално ранливите категории, како на пример долгорочно невработени лица, корисници на гарантирана минимална помош, самохрани мајки, и други и нивно извлекување од сиромаштија. Ги повикувам општините, заедно со потенцијалните даватели на услуги да аплицираат на вториот повик за развој на социјални услуги, согласно условите кои ќе бидат наведени, бидејќи несомнено тие носат големи придобивки за сите, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска при презентацијата на повикот пред градоначалници од повеќе општини и други претставници од локалната самоуправа.

Настанот ќе се одржи во Големата сала на Oпштина Охрид од 12.00 – 14.00 часот.

OhridNews