Викендов, на фудбалската програма во Македонија ќе се вратат натпреварите од второлигашката конкуренција запад и исток. Охридскиот фудбалски клуб пролетната полусезона ќе ја започне со локално дерби, одмерувајќи ги силите против Кораб од Дебар, в сабота (14 часот), на СРЦ „Билјанини Извори“.

„Рибарите“ поминаа одлични подготовки, забележувајќи позитивни резултати, што им дава за право и простор да се надеваат на успешен исход во борбата за втората позиција на табелата, на крајот од сезоната. Патоказ за охридските фудбалери во втората етапа во Втората лига ќе биде средбата со Кораб, која ќе покаже кој, колку и што работел во подготвителниот период.

Избраниците на Драган Бочески играат на домашен терен, кој е нивни најголем адут во Втората лига. Охриѓани со седум победи и еден пораз, имаат втор скор на домашен терен во досегашниот дел од сезоната. Најдобар скор има Скопје, кој забележал седум победи и едно реми. Во седумте остварени победи, составот на Охрид, на пет мечеви ја зачувал „празна“ мрежата , што претставува уште еден адут, во дерби средбата со Кораб.

Второлигашот од Дебар пак, имаше турбулентен зимскиот преоден рок. Екипата го смена тренерот, а промени имаше и во ростерот. Заминаа неколку стандардни првотимци, а дојдоа други, кои сигурно ќе сакаат да се докажат во новата средина.

Кораб на СРЦ „Билјанини Извори“ ќе сврти нов лист, а како ќе биде испишан ќе видиме в сабота во 14 часот.  „Соколите“ сигурно, нема да дојдат со бело знаме во Охрид. Особено не, затоа што го имаат третиот скор после Скопје и Велешта на гостински терен. Фудбалерите од Дебар имаат 11 освоени бодови на гостински терен, забележувајќи три победи и две реми средби, заедно со три порази. Дека се работи за тврда и квалитетна екипа на гостински терен говори и гол разликата која е 6-6.

Кораб во првиот дел од сезоната оствари минимален триумф 1-0 во Дебар. Но на тој меч наместо фудбалерите, главна улога имаше главниот судија Садик Таири, кој со контроверзен пенал го одлучи победникот. Во двете пресметки од претходната сезона која не се доигра, Кораб на домашен терен славеше со 2-0, а во Охрид дуелот заврши нерешено 1-1.

Мх.П.