На денешен ден на 82-годишна возраст во Охрид починал познатиот македонски ликовен уметник Вангел Наумовски. Со своето творештво Наумовски во 60-тите години на дваесеттиот век станал познат не само во Македонија, туку и во европски и светски рамки.

Славниот Салвадор Дали на изложбата на Вангел Наумовски во Галеријата „Мона Лиза“ во Париз во 1970 година ќе рече: „Ова е сликар од бајките. Тој е наивен сликар, но Медитеранот оставил силен печат на него. Мошне е префинет и суптилен. Ова е комплетна изложба. Неговото сликарство е блиско до моето. Мене не ме интересираат обичните наивни сликари. Кај Наумовски има елемнти кои може да бидат дури и научни. Исто така интересна е и биолошката страна на неговото сликарство“.
Вангел Наумовски, според енциклопедиските податоци, е роден во Охрид во 1922 година. Се запишува во Средното уметничко училиште во Скопје, но во 1947 година е исклучен од истото како „неталентиран“. Првата негова работа е цртач во ателјето за резба во Охрид, додека неговата прва изложба е во родниот град Охрид во 1954 година. Има изложувано на над 30 самостојни и 100 групни изложби, а неговите дела се наоѓаат во многу музеи во Македонија и низ светот. После следувале нови изложби и награди и признанија.

Во 1974, Наумовски е награден со Гран при за сликарство од Колекцијата „Винстон” во Женева, ја добил и наградата за сликарство „Нерешки мајстори” на ДЛУМ, а во 1979 година стана член на италијанската Academia Italia de belle Arti e del Lavoro, од каде што е номиниран и за академик. Во Италија е награден и со Premio d’ Italia 1980. На првото Биенале на југословенската самоука ликовна уметност во Светозарево во 1981 година добил откупна награда, а во истата година и награда за цртеж од Музејот на современата уметност во Скопје. Во 1984 година италијанскиот Centro Studi e Ricerche delle Nazioni му ја доделил наградата „Premio Mondale della Cultura” и „Statuata della Vittoria 1984″, a Academia de Europa од Италија наградата „European Banner of arts” со златен медал. Во 1982 година македонскиот режисер Александар Ѓурчинов снимил филм за Наумовски, во кој се прикажува неговиот живот и творештво. Починал на 13 јуни 2006 година во Охрид.
Вангел Наумовски беше чуден човек, велат неговите современици. Тој беше и архитект, скулптор, поет, музичар. Во различни свои уметнички изразувања се потипишуваше како Нав Муан, Ван Сан Скребатски или како Сараван. Неговите дела се изложувани во многу познати галерии, а ги красат домовите на многу познати личности во светот.
OhridNews











