До денес, 11 јули, ангажирани се спасители на девет плажи во Охрид и на две во Струга. Единаесет спасители на отворени вода успешно ја завршија обуката која се одржа во периодот од 23 до 30 јуни во организација на Црвен крст на Република Северна Македонија-Општинска организација Охрид. Спасителите ќе бидат ангажирани на охридско-струшкото крајбрежје во текот на оваа летна сезона.
Тоа што е карактеристично за Охрид е дека ова лето ќе бидат ангажирани околу 15 спасители. Концесионерите кои побараа спасител се услужени, а од вчера спaсител има и на градскиот базен. Спасители на вода има на плажите „Св Наум,“ во „Градиште“ кај кампот, пред ресторанот и Градиште 2, хотелите „Метропол“ и „Белви“, плажите кај „Инекс Олгица“ и „Голден бич“. Во преговори сме со една плажа во Лагадин и хотел „Јуник“ и се надевам дека наскоро и тие ќе добијат спасители. Во Струга засега спасители има само на две плажи кај хотел „Изгрев“ и во Ливадишта, вели претседателот на ОО Црвен крст Охрид, Сашо Точков.
Точков потенцира дека тешка е ситуацијата и со персонал, односно спасители на вода, бидејќи им ветуваат дека од 1 јули ќе започне сезоната, а дел од концесионерите се несериозни и воопшто не бараат ангажман на спасители и нормално, вели, дека спасителите ќе си побраат работа на друго место.
Од друга страна интересот кај младите е се помал за одговорни професии, повеќе се научени на поопуштено заработување пари. Оваа година ние и доста ги зголемивме платите на спасителите за нивниот ангажман. Првата побуда да се биде спасител е хуманост, а нашите обуки се во рангот на Меѓународната федерација за безбедност на вода и лиценците се признаени и можат да се користат насекаде во светот, додава Точков.
Од 1 јули од кога се ангажирани спасителите на плажите досега немале посериозни интервенции со оглед дека и овој период сеуште немаше многу гужва на плажите, освен помали интервенции за укажување прва помош, посекотини, преврски…
Н.С.Ј.