Со изградба на марина развојот на туризмот во Охрид ќе добие друга димензија, смета локалната самоуправа, која овој капитален проект сака да го реализира кај градското пристаништа. Но, стручните лица предупредуваат на опасностите кои се кријат под плиткото езерско дно во центарот на Охрид, посочувајќи дека на овој простор се’ уште има големи количини експлозивни средства кои пред речиси еден век тука ги оставиле армиите кои војувале во балканските и Првата светска војна.
Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, вели дека во тек е постапка за изработка на идеен проект за изградба на марина и дека во неговата реализација ќе бидат вклучени сите надлежни служби, вклучително и експерти за отстранување на неексплодирани убојни средства.
– Секако дека при реализацијата на овој проект ќе бидат вклучени и служби за отстранување на тие експлозивни средства и секако дека се ќе биде објект на една стручна односно експертска анализа. – изјави градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.
На овој простор во изминатите неколку години беа спроведени повеќе акции за чистење на неексплодирани убојни средства, но од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека активностите не се целосно завршени.
-Засега не е предвидена повторна акција за проверка и чистење, а доколку дојде до реализација на идејата за изградба на марина од страна на локалната власт, со сигурност Ви тврдиме дека пред отпочнување на градежните зафати, ДЗС во координација со надлежните институции во Република Македонија ќе го прегледа теренот и доколку се пронајдат неексплодирани убојни средства истите ќе бидат отстранети, како би се овозможила понатамошна постапка.-информираат од Дирекцијата за заштита и спасување.
До сега се спроведени три акции за чистење на дното на Охридското Езеро при што беа извадени 20 тони неексплодирани убојни средства.
Г.М.