Проектот кој се спроведува веќе втора година се однесува на црвеноклуниот лебед именуван како “нем лебед”кој живее на Охридското Езеро. Основна карактеристика која го издвојува од останатите лебеди е црвениот клун , во чија основа се наоѓа јасно изразена црна грба. Овој лебед се размножува еднаш годишно, се гнезди од април до мај во гнездо изградено од трски и пердуви на островца сместени на тешко пристапни места и во појас на трска , во близина на брегот или на самиот брег. Минатата година беше извршено маркирање и прстенување на лебедите(родителските парови и подмладокот), а нивното следење продолжува и оваа година.
Во рамки на проектот изработени се и информативни флаери кои на почетокот на учебната година ќе бидат поделени по охридските училишта, а ќе бидат одржани и едукативни предавања како и јавни трибини каде ќе бидат презентирани резултатите од истражувањата и предвидените мерки за заштита на лебедите со цел одржување на биодиверзитетот .













