Охридскиот велосипедски клуб Екодром, заедно со Велосипедска Федерација на Македонија (ВФМ), утре, ќе биде организатор на државното првенство „Крос кантри“, кое е всушност натпревар во планински велосипедизам. 

 

    
Стартот е напладне пред резервоарот на „Проаква“, кај информативниот центар на националниот парк Галичица. Учесниците во првенството ќе бидат поделени во неколку категории, и тоа јуниори, елит, мастерс, жени и хоби.

Патеката е со должина од 5,6 километри, почнува со искачување кон селото Рамне по колски пат, следува спуштање до местото наречено Крсти, потоа се поминува долот Старец, па преку долот Глувчедол, преку ливадите до каменоломот навлегуваме низ густа борова шума над стрелиштето, блага нагорнина и ете сме повторно на стартната рамнина кај резервоарот за вода – информираат од Екодром.

Натпреварувачите во категоријата елит ќе возат шест круга, јуниорите и велосипедистите во категоријата мастерс по четири, додека жените и рекреативците по два круга.

Пријавувањето трае до сабота до 18 часот, а трката ќе се вози според правилата на УЦИ, односно секој натпреварувач вози на сопствена одговорност и задолжителна ќе биде употреба на заштитен шлем.

М.П.