На избирачкиот список на следните избори, кога и да се одржат, покрај имињата на гласачите ќе стои и фотографија иста како онаа на личните карти што се во базата на податоци на Министерството за внатрешни работи, информираат од Државната изборна комисија. Министерството за внатрешни работи веќе и ја испратило на Државната изборна комисија целата база со фотографии на граѓаните од личните карти, а информатичките инженери во ДИК интензивно работат на изработка на специјална апликација со фотографии од граѓаните со право на глас, која треба да биде вградена во Избирачкиот список. Апликацијата со фотографии ќе биде достапна на денот на изборите.

Така, на Избирачкиот список покрај името, презимето, матичниот број, адресата и останатите лични податоци во линијата на секој гласач, ќе биде испечатена и фотографијата што ја има на личната карта.

На денот на изборите ќе се врши проверка на фотографиите, со цел да се спречат обидите да се гласа со туѓа лична карта. Право на глас ќе имаат само оние гласачи за кои во проверките ќе се утврди дека личната карта е нивна и чија фотографија на личната карта ќе биде идентична со таа што ќе стои на Избирачкиот список.

Фотографии ќе има на главниот Избирачки список, но и на таканеречениот потсписок, кој го договорија четирите партии во средата. Станува збор за 176.000 македонски државјани чие право на глас не е спорно, но се смета дека не се во државата.