На педесетгодишниот јубилеј на најстариот поетски фестивал на Балканот – Струшките вечери на поезијата (СВП), учество ќе земат рекордни 150 поети од странство од 70 земји од сите пет континенти и стотина домашни поети, најави организаторот на прес конференцијта што денеска се одржа во Скопје.

Фестивалот ќе биде отворен во четврток, овојпат на Мостот на поезијата во центарот на Струга, каде што антологиската „Т’га за југ“ на Констатин Миладинов првпат ќе биде симфониски изведена со настап на тенорот Благој Нацоски.

Покрај традиционалните содржини на фестивалот годинава ќе има и пропратни настани, предвидена е  богата издавачка продукција во која е и монографијата за 50-те години на СВП. Новина е и тоа што за првпат годинава добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ која се доделува за најдобра
поетска книга од македонски автор меѓу две фестивалски изданија, ќе биде соопштен на самиот фестивал, а не како досега во Скопје во јуни.

Јубилејот на СВП годинава се совпаѓа и со јубилејните 150 години од објавувањето на Зборникот на народни умотворби  и по тој повод пред свеченото отворање на фестивалот ќе биде промовирана реновираната Спомен-куќа на браќата Миладиновци во Струга, во која ќе биде поставена изложба за досегашните лауреати на СВП, поставка за струшките преродбеници и 50 квадрати оригинални мозаици од ранохристијанска базилика од струшкото село Октиси.

Покрај годинашниот лауреат на Златниот венец, македонскиот поет Матеја Матевски, на поетското читање на свеченото отворање ќе учествуваат шест поети што го добиле високото признание во изминатите пет децении – Хусто Хорхе Падрон од Шпанија, Васко Граса Моура од Португалија, Фатос Арапи од Албанија, Љубомир Левчев од Бугарија, Ференц Јухас од Унгарија и Нанси Морехон од Куба. На отворањето ќе се чита поезија и од четворица лауреати кои се и нобеловци за литература – Пабло Неруда, Јосиф Бродски, Еуџенио Монтале и Шејмас Хини.

Како што најави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на фестивалот се очекува да присуствува во и Ирина Бокова,  генерален директор на УНЕСКО – покровител на годинашниот фестивал.

OhridNews