На граничниот премин Ќафасан, вчера, царинските службеници спречиле обид за шверц на 18 килограми марихуана
Како што информираат од Царинската управа, дрогата била пронајдена во патничко моторно возило со германски регистарски ознаки управувано од лице италијански државјанин. При извршена царинска конторла, во фабричките шуплини од возилото во предниот и задниот браник како и во двете предни крила, царинските службеници пронашле 17 пакувања обвиткани со самолеплива трака, наполнети со непозната растителна материја со зеленкаста боја, за која поодоцна било утврдено дека се работи за марихуана, со вкупна тежина од 18 килограми.
Лицето дрогата ја набавил од лице од Албанија со намера истата да ја превезе преку Македонија со крајна дестинација Германија каде осомничениот живее и работи 26 години. Пред да тргне од градот Фиер неговиот другар кој е албански државјанин на еден лист хартија му го нацртал патот и државите низ кој требало да помине за да ја пренесе дрогата до крајната денстинација. На листот со рака биле нацртани државите Македонија, Бугарија, Романија, Унгарија и Австрија.- соопшти царината.
Цената на западно-европскиот пазар за каде била наменета запленетата марихуана се проценува на 40 илјади евра, додека во малопродажба може да достигне и до 80 илјади евра.
Против сторителот, Царинската управа ќе поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ до надлежното Јавно обвинителство.
Од почетокот на годината, заедно со овој случај откриени се вкупно 24 обиди за пренос на марихуана преку македонската граница, при што се запленети над 720 кг марихуана, чија вредност на нарко пазарот се процнува на 2.344.715 евра.
OhridNews