Ноќта помеѓу 3 и 4 јули непознати лица го оштетиле кајчето на одговорното лице во Здружението на риболовци ЗРСК Пастрмка – Струга, инаку концесионер за организирање рекреативен риболов во „риболовен ревир река Црн Дрим 1“. Од оштетувањето кајчето било потопено во водите на Охридското Езеро, а во текот на вчерашниот ден истото е извадено.
– Ова е очигледен знак дека формирањето на рибочуварската служба за заштита на рибите во река Црн Дрим на некого му смета. Во изминативе две години се поднесени повеќе од 20 пријави против рибокрадци, со што е зададен сериозен удар на рибокрадците во Струга и Струшко. Ваков потег беше очекуван затоа што и во минатата година ми беше оштетено кајчето, а во текот на изминатите две години континуирано добивам закани од страна на рибокрадците. Свесен сум дека ќе има уште закани и нанесување штета, но нема запирање. Целта е да се уништат рибокрадците, тоа е макотрпна и долготрајна работа, но сигурен сум дека ќе успееме и покрај матерјалните штети што ни се нанесуваат. Ваквите кукавички потези на поединци само ми даваат за право да верувам дека сме успешни во нашата работа и ме мотивираат уште повеќе за да го засилиме темпото на работа. – изјави Емил Матовски, одговорно лице во ЗРСК Пастрмка – Струга.
Случајот е пријавен и во полициската станица Струга, направен е увид и се работи на откривање на сторителите.
– Имаќи предвид дека оштетувањето на кајчето е извршено на фреквентна локација, односно на Женска плажа во Струга, мислам дека ќе се најдат сведоци за откривање на сторителите. Не е логично да во тој дел на градот, каде има и чувари на блиските објекти и шанкови, никој да не забележал ништо. – рече Матовски.
Од ЗРСК Пастрмка – Струга информираат дека во наредниот период во соработка со Државниот инспекторат за земјоделство ќе ги интензивираат контролите на реката Црн Дрим и дека нема да се толерираат никакви прекршувања на Законот, нема да има толеранција ниту за рибокрадците, ниту за риболовците кои риболоват без риболовна легитимација и дозвола.
– Со овој потег рибокрадците отворија војна со нас како концесионери на рибите во „риболовен ревир река Црн Дрим 1“. Овој потег само ќе не натера да се мобилизираме уште повеќе и да го засилиме нашето темпо на работа за ставање крај на рибокрадството. – информираат од ЗРСК Пастрмка – Струга.