Голем број колеги, претставници на локалната самоуправа, видни личности од јавниот живот, блиски соработници и членови  на семејството присуствуваа на комеморацијата што по повод смртта на археологот Владо Маленко (75) се одржа претпладнево во музеј куќата на Уранија. Токму негова е заслугата за реконструкција на овој значаен музејски комплекс, како и за бројните историски откритија, истакна во прошталниот говор директорката на Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид, Тања Паскали Бунташеска.

Паскали Бунташеска се осврна на плодната кариера на археолог Владо Маленко, зад чие име засекогаш ќе останат запишани исклучителни успеси на професионален план.

-Владо Маленко остави неизбришливи траги кои се запишани и допрва ќе се запишуваат во сите хроники на охридската и македонската археологија и во сите хроники кои ќе го третираат културното наследство на Охрид и Македонија.-рече Паскали Бунташеска

Владо Маленко дипломирал на катедрата за археологија при Филозофскиот факултет во Белград во 1965 година. Веднаш по дипомирањето се вработува во Заводот за заштита на спомениците на културата – Охрид, а по интеграцијата на оваа институција со Народниот Музеј во 1973 година продолжува со работа во новоформираната установа. Во 1978 година се здобива со звање Виш конзерватор – археолог, а од 1986 до 1990 година работи како директор на Заводот за заштита на спомениците на културата и народен Музеј – Охрид. Врши археолошки истражувања од областа на античката и средновековната археологија во охридскиот регион, како и конзервација и заштита на бројни споменици на културата во овој регион. Во НУ Завод и Музеј – Охрид работи се до неговото пензионирање на 17.09.2003 година.

Во својот работен век објавил голем број на трудови во периодични и посебни изданија од областа на археологијата и учествувал на повеќе домашни и меѓународни конгреси и симпозиуми. 

-Тој таков каков што беше со невидена енергија и исклучителна моторна сила во рамките на сите свои активности, во рамките на својата професија, во рамки на своето семејство и во рамки на насочувањето на своите наследници дома и во институцијата кон непредлививата иднина, повеќе го нема физички, но ќе го има во сеќавањата и спомените на сите нас.-истакна Тања Паскали Бунташеска.

OhridNews