Месец дена пред почетокот на туристичката сезона во Охрид, поголемиот број од плажите долж крајбрежјето се „забарикадирани“ со цврст и неразградлив отпад, а голем дел се обраснати со трева и запуштени.

Проблем претставува и надојденото езеро, кое изминативе месеци проголта дел од плажите, а од силниот ветер настрадаа времените објекти поставени на охридските плажи.

Оние малку туристи кои престојуваат на охридската ривиера, покрај убавите зборови за градот, се запрепастени од односот на граѓаните кон најголемиот природен бисер во земјава.

За прв пат доаѓаме во Охрид по препорака на наши пријатели од Холандија. Градот има многу да понуди, но чудно е што за некои делови од крајбрежјето не се води никаква грижа. Еколошката свест како да ја нема. Едноставно морате  повеќе внимание да обрнете кон околината, како оваа прекрасна приказна за Охрид би се вклопила во каталозите на европските туристички агенции.“ – велат туристи од Холандија, кои ги затекнавме на плажата „Св. Стефан“.

Со сличен став се и охриѓани, кои долги години апелираат до медиумите дека кај дел од граѓаните воопшто не постои еколошка свест.

Проблемот мора да се лоцира во коренот. Екологијата треба да се воведе како задолжителен предмет во сите основни училишта во земјава. Само на тој начин, нашата младина ќе знае дека ова што денеска се случува, не е добро ниту за градот, ниту за земјата, ниту за природата. Централната власт мора да изрече поригорозни казни за сите оние кои го нарушуваат природниот еко-систем. “ – вели наш сограѓанин.

Дека еколошката свест на двете страни од езерото е на ниско ниво, говорат расфрланите пластични шишиња и друг цврст отпад, кои со секој поголем бран се наталожуваат покрај брегот. Исто така, изминатиот период, надојдените реки од своите корита на површината го исфрлија целиот „срам“ на несовесните граѓани.

Во период на висок водостој, езерото го поплавува колекторскиот систем. ЕРологистите стравуваат од евентуално излевање на оптоварениот колекторски систем кога водостојот надминува и 30-тина сантиметри над максимално дозволената кота.

И доколку не можеме да влијаеме на природните циклуси, може многу да се направи во средување на крајбрежјето, кое пред сезона треба добро да се исчисти, за туристите да не ја затекнат сегашната грда слика.

 O.T.