На кружниот тек на пресекот од булевар „Туристичка“ и улицата „Македонски Просветители“ кај Охридска Банка, засега нема да биде поставно споменично обележје, како што се шпекулираше во јавноста.

Според информациите кои ги добивме од надлежни служби при општина Охрид, овој простор ќе биде хортикултурно уреден и на него ќе биде засадено соодветно зеленило и цвеќиња.

-Нашата интенција е во прво време е целосно да ги завршиме сите фази од изградбата на кружниот тек и да го пуштиме во употреба, а потоа односно малку подоцна ќе може да се размислува за поставување на споменично обележје или нешто слично. Кружниот простор од крстосницата за почеток ќе биде само соодветно хортикултурно уреден, вели Љупчо Танески од Секторот за комунален развој, сообраќај и улици при општина Охрид.

Според планираното, кружниот тек на крстосницата кај Охридска Банка и кружниот тек на крстосницата со улицата „Дејан Војвода“ ќе бидат пуштени во употреба пред Нова Година.

-Од градежните фази кои се изведуваат на терен преостанаа санациите на тротоарските површини и разделните острови, поставување на осветлувањето и поставување на вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација, објасни Танески.

Тој најави дека откако ќе бидат целосно функционални овие две кружни крстосници, доколку дозволат временските услови, ќе започнат активностите за изградба на кружните крстосници на пресекот помеѓу булевар  „Туристичка“ со улица „Јане Сандански“ и булевар „Туристичка“ со улица „Абас Емин“.

Поделени мислења за новиот режим на сообраќај

Возачите и пешаците засега имаат поделени мислења за новиот режим на сообраќај со кружни крстосници.

-На почеток беше малку чудно и јас бев голем противник на идејата за кружни крстосници но со тек на време, малку по малку се навикнуваме. Сметам дека сега цирулирањето на сообраќајот на крстосниците сега  оди малку побрзо. Се надевам дека откако ќе завршат сите градежни работи ќе биде многу подобро, вели охридски таксист кој долги години се занимава со оваа професија.

Според него првиот тест за функционалност, новите кружни крстосници ќе го имаат за новогодишните и божниќните празници кога во Охрид се очекува поголем метеж од возила и пешаци.

Млада охриѓанка која најчесто се движи пеш, вели дека кружните крстосници засега не одат во прилог на пешаците.

-Возачите треба да разберат дека и ние пешаците сме рамноправни учесници во сообраќајот и мора да преминеме улица. Сметам дека треба да се поработи на подигнување на свеста на возачите и пешаците или да се направи кампања за правилно возење и преминување на кружна крстосница, вели нашата соговорничка.

Таа се надева дека овој прблем ќе биде надминат и дека Охрид ќе може да се пофали со повисоко ниво на сообраќајна култура.

Е.М