Во рамки на археолошките истражувања кои се во тек на локалитетот „Рајца-Манастирите“ на Љубанишко Поле,охридско, на двете локации на локалитетот, утврдени се повеќе значајни наоди,информираат од Завод и музеј Охрид. Меѓу нив делови од градежните структури на два објекти, меѓу кои и остатоци од средновековна црква изградена од камен и варов малтер, со димензии 12 метри должина и 7 метри широчина.

– Во близина на остатоците од првата градба констатиран е уште еден објект на ранохристијанска базилика изграден од камен, малтер и редови тули. Објектот е со широчина од 13 метри, а во тек е истражувањето на должината за која се претпоставува дека е над 17 метри. За време на сондирањето, констатирано е добро зачуван мозаичен под кој е високо технички и уметнички изведен, со фитоморфна орнаментика. Исто така на самите ѕидови откриени се и фрески. Во текот на истражувањето пронајдени се и повеќе елементи од камена пластика, а во моментов се  работи на откривање на западниот ѕид, велат од Завод и музеј.  

На втората локација  за време на истражувањата откриен е дел од еден поголем, комплексен објект, кој според претпоставките на археолозите, е од профан карактер. Според одредени показатели, објектот, временски припаѓа на доцната антика и најверојатно станува збор за цивилна градба.

Планирано е, археолошките активности за 2013 година,кои ги спроведуваат стручни екипи од Завод и музеј Охрид, а со финансиска поддршка на министерството за култура, да завршат до почетокот на декември, со што ќе бидат утврдени границите на локалитетот за да се изготват Заштитно конзерваторските основи. За наредната година предвидено е доистражување, конзервација и финална презентација.

Локалитетот Рајца се наоѓа во Љубанишко Поле, во западното подножје од ридот на кој се наоѓа селото, веднаш до патот за авто кампот.

OhridNews