Стручните екипи на Музејот „д-р Никола Незлобински“ во Струга ги завршија годинашните подводни археолошки истражувања на локалитетот Врбник, во струшкиот дел од Охридското езеро. Во рамки на истражувањата, откриени се значајни движни наоди, кои датираат од 6 до 7 век пред нашата ера, периодот кога егзистирала оваа населба. Меѓу предметите се издвојуваат фрагменти од кантаровидни садови, чинии, складишна керамика, фрагменти од питоси, како и неколку бронзени игли. Годинава, археолозите ги завршија и истражувањата за утврдување на контурите и големината на самиот локалитет, кои ги надминаа и ги ревидираа претходните претпоставки и сознанија.
Сите достапни материјали и други научни податоци поврзани со истражувањата на локалитетот Врбник ќе бидат презентирани на посебна веб-страница за овој локалитет, која ќе биде промовирана кон средината на ноември годинава.
Во истражувањата кои беа пообемни, се вклучија и млади дипломирани археолози со специјалност подводна археологија, а интерес пројавија и институции од странство кои работат исклучиво во сферата на подводната археологија.
Првите сознанија за локалитетот Врбник, кој се наоѓа на северниот дел од Охридското Езеро, датираат од 80-тите години на минатиот век. Во неколку наврати се извршени археолошки истражувања од страна на Музејот на Македонија и Музејот во Струга, во соработка со Сојузот на нуркачки друштва на РМ.
OhridNews