Од вкупно 297 кандидати за градоначалник на претстојните локални избори на 17 октомври 2021 година, 26 се независни или 8,75 проценти. Ова е помалку, споредено со последните, кога независни кандидати за градоначалници биле нешто над 10 проценти.Најмногу независни кандидати за градоначалник имало на локалните избори во 2005 година, над 25 проценти, а најмалку на првите во 1996 година , 7,5 проценти.

 

Независни кандидати ќе има во 18 општини и Градот Скопје или во 22 проценти од вкупно 80 општини. На сите локални избори досега имало барем еден независен кандидат кој добива мандат. Најмногу независни кандидати добиле мандати на локалните избори во 2005, седум, а најмалку на првите во 1996 година, еден независен кандидат. Според Државната изборна комисија, потребниот број потписи го собрале 57 групи избирачи за советнички листи, од вкупно 70 кои собирале потписи.

Од вкупно 546 поднесени листи за советници 63 или 11,5 проценти се независни. Независни советнички листи има поднесено во 40 општини или во половина општини и Градот Скопје. Во Охрид од Вкупно 11 поднесени листи, три се независни кандидатски листи.

Најмногу независни листи имало на изборите во 2013 година, над 17 проценти, а најмалку на првите и вторите во 1996 и 2000 година, кога само нешто над 3 проценти од поднесените листи за советници биле независни.

На првите локални избори по новата територијална распределба во 2005 независни советници имало во над една третина од општините – 36,47 проценти, потоа тој број полека се намалува на 35 проценти во 2009 година, на 29,6 отсто во 2013 и на 22,2 на последните во 2017 година.

 

Најмалку независни советници имало на локалните избори во 2000 година – 1,73 проценти од вкупниот број советнички места, потоа следат последните локални во 2017 кога имало 2,74 проценти, додека најмногу независни советници биле избрани на локалните избори во 2005 година – 4,77 проценти.

Важно за напомена е дека Државната изборна комисија до 2006 година не постои како посебен орган и се формира пред секои избори и нема објавено целосни резултати или финален извештај за дел од првите три локални избори во земјата.

Локалните избори на 17 октомври 2021 година ќе бидат седми од независноста досега, но трети на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје.

Официјално кампањата за првиот круг од локалните избори започнува утре, на 27 септември, а завршува на 15 октомври на полноќ.

 

OhridNews