Според извештајот на Институтот за јавно здравје, за период од 19 до 25 октомври, тестирани биле вкупно 13.993 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2. Забележано е зголемување од 5,9 проценти во однос на минатата недела, информираа денеска од Министерството за здравство.

Регистрирани биле 3.410 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, што претставува зголемување од 27,4 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.654; 48,5%), каде е забележана и највисока неделна инциденца – 267,8/100.000.

Во наведениот период, процентот на позитивни од тестирани лица изнесува 24%.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст 29-39 (n=750, 22,0%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од над 60 (n=673; 19,7%), 40-49 (n=632; 18,5%), 50-59 (n=595; 17,4%) и 20-29 (n=539; 15,8%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=72; 2,1%) и 10-19 години (n=149; 4,4%), соопштуваат од Министерството за здравство.

Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 1.695 (49,7 отсто) лица од женски и 1.715 (50,3 проценти) од машки пол. Од случаите, епидемиолошки се истражени 555 или 16,3 отсто.

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 1.566 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 477 повеќе во однос на минатата недела, велат од министерството.

Пријавени се 84 смртни случаи од 24 градови, зголемување од 71,4 отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 66 лица биле над 60 години, 13 лица на возраст од 50 до 59 години, три смртни случаи се пријавени од возрасната група 40 до 49 години и двајца во возрасната група од 30 до 39 години. Од смртните случаи, епидемиолошки се истражени 45 или 53,6 отсто.

На Инфективната клиника почина поранешниот началник на СВР Велес 

Игор Ангеловски поранешен началник на СВР Велес починал синоќа на Инфективната клиника во Скопје како последица на Ковид-19. Тој во Инфективната клиника во Скопје неколку дена бил приклучен на респираторна машина. Претходно се лекувал во велешката Општа болница на Инфективното одделение од 7 до 14 октомври од каде потради влошување на состојбата бил префрлен во Скопје.

Инаку, 41-годишниот магистер по дефендологија Игор Ангеловски беше началник на СВР Велес од 10 јануари до 27 јули годинава по предлог на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев. Тој претходно работел во Единицата за специјални задачи на МВР „Тигри“,бил инструктор во Центарот за обука во Идризово и самостоен инспектор за ким техника во СВР Велес,а бил и инспектор во обезбедување на ВИП личности и објекти.

OhridNews