Џезот како правец е една од најважните појави во историјата на музиката затоа што дозволува чувствата и емоциите да бидат буквално отсвирени, а од друга страна остава простор за сопствена креација на слушателот. Еден од најголемите мајстори на џез музиката на овие простори, Владимир Василески – Четкар ни гостува во најновото издание „На муабет“. Поводот е концертот кој ќе се одржи шеста година по ред насловен како „Вино и џез“, утре вечер во хотелот „Филип“ во Охрид.

Ваков концепт на концерт има во светски рамки, но во Охрид се случи за прв пат пред шест години. Концепт во кој ќе се промовира ново вино, нова винарија… Mузика и вино е еднакво на ќеиф“ , вели Четкар.

Муабетевме и за неговите почетоци и сеќавања кога заминува од Охрид, со желба да ја изгради својата музичка кариера, која денес е на завидно ниво.

Храброста да излезеш од обрачот на заштита и да пловиш во непознати води е големиот предизвик кај секој човек, додава Четкар.

Разговаравме и за неговата приврзаност и вечна инспирација – градот Охрид. Брутално искрен и едноставен, Охриѓанецот со светска слава зборуваше и за разна музичка потануда и новите правци на музика кои се појавуваат.

Уметниците имаат голема одговорност за тоа што го презентираат. Најголемиот грев и катастрофа во секое општество се случува кога повиканите во одредена сфера ќе премолчат, јас сум повикан како професионален музичар да зборувам, и медиумите и уметниците имаме одговорност за тоа што им го презентираме на идните генерации“, истакна Четкар.

На муабет со Четкар

Кристина Алексиеска