Од 20 до 24 септември, 2021 година, во организација на НАТО Евроатлантскиот центар за координација на одговор при катастрофи (EADRCC) и Центарот за управување со Кризи (ЦУК), на повеќе локации во Охрид и Струга, ќе се одржи вежбата „Северна Македонија 2021“. Ова е прва цивилна НАТО вежба во земјава, којашто истовремено ќе се одвива и теренски и штабно.  Центарот за управување со кризи во својство на домаќин, е организатор на сите активности поврзани со вежбата, во координација со НАТО тимот.

Директорот на вежбата и одговорен за меѓународна соработка Урим Вејсели денеска на прес-конференција истакна дека државава сеуште е во мигрантска криза

Република Македонија се’ уште е во кризна состојба по однос состојбата со мигрантите. Летово се соочивме со голем број пожари, а веќе втора година се соочуваме со епидемијата на Ковид-19. Подготвувањето вежба од ваков калибар е голем предизвик, со тестирање на сите национални капацитети како земја домаќин, но и заложбите за демонстрација на подготвеност за организирање ваков голем настан, рече Урим Вејсели, директор на вежбата и одговорен за меѓународна соработка во Центарот за управување со кризи.

На вежбата ќе учествуваат голем број тимови од околните земји-членки на НАТО. За прв пат на НАТО вежба за цивилна заштита ќе се вклучи и планинско спасување. За таа цел во вежбата вклучени се и Планинската спасителна служба од Охрид во два сегменти, вели Антонио Додевски, раководител на  ПСС Охрид.

 

 

 

Првиот сегмент е да ги подготвиме позициите, бидејќи ќе има две позиции за работа во планински дел. Едната ќе е симулација на авионска несреќа на Галичица, а другата е она што ние инсистиравме и за нас е многу значаен сегмент, а тоа е спасување односно извлекување на повредени од параглајдерска несреќа на западната страна на врвот Магаро  на стара Галичица, бидејќи е многу реална ситуација со оглед на тоа дека параглајдеристите ја надлетуваат токму оваа страна водејќи се од вертикални воздушни струења којшто во овој карпест дел од планината се случуваат и неретко и постои висока опасност да се случат несреќи. Токму едно од сценаријата е несреќа во тандем параглајдер во нај експонираниот, најстрмниот карпест дел на западната страна од врвот Магаро, каде што ќе делуваме заедно со припадници на батаљонот за специјални намени при АРМ таканаречените „Волци“ во содејство со армиски воздухоплов. Нашите тимови ќе треба заедно да изведат брза ефикасна акција за спасување на параглајдеристите, вели Додевски.

Наредниот ден во пределот на врвот Лако Сигној ќе се случи симулација на пад на  мал воздухоплов којшто според глобалното сценарио, поради кризната ситуација земјотрес имал нарушени комуникации со контролата на летање. Сценариото предвидува дека има повредени и жртви кој што со специјалните единици на МВР и хеликоптер на МВР ќе треба да се  евакуираат и извлечат.

Главни цели на вежбата се тестирање на капацитетите и ресурсите на Системот за управување со кризи, проверка на подготвеноста на напредниот систем за централно следење и управување со кризи со Команден центар кој треба во реално време  да управува со сите расположиви ресурси на регионално ниво. Ќе се проба и  мерката за слободен проток на техника и луѓе преку границите меѓу членките на НАТО во случаи на кризи. Вежбата треба да им овозможи на екипите за брза реакција во кризи, но и на планерите и проценителите, да разработуваат и вежбаат активности за потрага и спасување во урбана средина, на вода и во планина како и  вежби на медицински тимови за итни случаи, и активности на екипи за детекција и идентификација на хемиски, биолошки и радиолошки агенси. На вежбата ќе се работи и на активности поврзани со спречување на дезинформации.

 

К.А