Најновата македонска поезија на јубилејната 30-та Поетска ноќ во Велестово што ќе се одржи на 20 и 21 јули на локации во Велестово и Охрид. Оваа година, на Поетската ноќ во Велестово ќе настапат шест поети: Јовица Ивановски, Тихомир Јанчовски, Елизабета Баковска, Николина Андова Шопова, Ѓоко Здравески, Исток Улчар. Во тремот на црквата „Успение на Света Богородица“ ќе биде отворена и изложба „15 години-Арт поинт гумно“ со дела на уметници од светот.

Настанот ќе започне на 20 јули (петок) пред чешмата во Велестово од 21:00 часот. Во сабота на 21 јули  предвидено е гостување на поетскиот настан „Имам нешто да ти кажам“ во кафе бар Шила во Охрид.

Во соработка со Фондација „Славко Јаневски“ ќе се претстави романот „Одбројување“ од Фросина Пармаковска, добитник на наградата „Роман на годината“ за 2017 година. Настанот ќе се одржи 21 јули (сабота) во просториите на МАНУ (куќа „Уранија“), Охрид со почеток во 20 часот.

Во рамки на јубилејот ќе биде издадена книгата „Гласови на новиот век–панорама на поновата македонска поезија“ и јубилејното гласило на манифестацијата,  а во подготовка е монографија „30 години Поетска ноќ во Велестово“ која ќе биде промовирана следниот месец.

Во рамките на јубилејната година од манифестацијата ќе изостане меѓународната програма на која требаше да се претстви најновата хрватска поезија. – Министерството за култура не ја поддржа манифестацијата, иако министерот Алаѓозоски на прес-конференција рече дека ќе вложи силни заложби за децентрализација на културата, а предност ќе имаат манифестациите со подолгогодишна традиција, велат организаторите.

Годинава на Поетската ноќ во Велестово ќе се одржи и Ноќ посветена на македонската хаику поезијата.

OhridNews