На еден од ножевите што полицијата ги пронашла на местото каде што на средината на август беше убиен навивачот на АЕК Михалис Кацурис, била откриена ДНК на 35-годишен грчки навивач, пренесуваат медиумите во Грција, повикувајќи се на извори од полицијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Според државната новинска агенција АНА-МПА, по направената анализа на генетскиот материјал бил идентификуван 35-годишен грчки државјанин, кој во петокот пред судија дал исказ за случајот и рекол дека за време на инцидентите со хрватските навивачи носел нож, но го загубил.

Уапсениот веќе е во затвор, бидејќи било утврдено дека е веќе осуден на една година затвор и парична казна за вмешаност во друг случај, односно за инцидентите меѓу навивачи за време на финалето од купот на Грција во Волос, во 2017 година.

Како што нагласуваат истите извори, 35-годишниот во наредните денови повторно ќе биде истражен од надлежните, за да се утврди дали бил вмешан во смртоносната повреда на 29-годишниот навивач на АЕК, пишува АНА-МПА.

Весникот „Катимерини“ коментира дека последните случувања одново го враќаат во прв план сценариото дека навивачот на АЕК бил повреден до смрт, ненамерно при судир со уапсениот 35-годишен.

Михалис Кацурис на 7 август, за време на сериозните инциденти во Атина меѓу навивачите на АЕК и Динамо Загреб беше прободен со нож во пределот на раката и им подлегна на повредите.

За инцидентите, беа уапсени над 100 лица, мнозинството од нив хрватски државјани на кои им беше одредена мерка притвор и се наоѓаат во грчките затвори.

OhridNews