Францускиот фудбалер Ванис Хонсор (22), член на Сент Дени, почина утрово за време на тренинг на својот тим на островот Реинион, француска прекуморска територија во Индискиот Океан. Смртта ја потврди клубот во соопштение објавено на социјалните мрежи, кое го пренесоа локалните француски медиуми „Линфо“ и „Имаз прес“.
Според нивните информации, Хонсор доживеал срцев застој додека тренирал на теренот „Јамајка“ во Сент Дени. И покрај обидите за реанимација и интервенцијата на спасувачките екипи, неговиот живот не бил спасен.
Од Сент Дени соопштија дека раководството, стручниот штаб и фудбалерите се длабоко потресени од ненадејната смрт на својот играч. Клубот изрази сочувство и поддршка до неговото семејство и најблиските.
Хонсор настапувал на позицијата лев бек, а во Сент Дени пристигнал во јануари годинава. Претходно играл во Франција, меѓу другото и за Руан. Неговиот поранешен клуб, исто така, му оддаде почит, потсетувајќи дека во сезоната 2023/24 забележал три настапи и еден гол за првиот тим. Сочувство изрази и Француската фудбалска федерација.
Трагедијата на Реинион се случува само осум дена по смртта на напаѓачот на Тенерифе, Хесус де Мигел (30), која го потресе шпанскиот фудбал. Де Мигел почина на 3 ноември, еден ден по тешкиот судир со противничкиот голман на натпреварот против Андора во шпанската Втора лига. По ударот доживеал срцев застој и бил пренесен во болница, каде што подоцна починал, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на соопштението на Тенерифе.
OhridNews
Фото: Х












