
На Охридското Езеро во лето сообраќаат околу 3500 пловни објекти, а се очекува во претстојната сезона нивниот број да се зголеми. Бројните инциденти во вода во минатото, но и густиот сообраќај на закрчените сообраќајници на копно во шпицот на туристичката сезона ја наметнуваат потребата од формирање на Центар за спасување на вода кој ќе располага со добро обучени мобилни екипи, кои ќе бидат во можност да реагираат во најкус можен рок по воден пат. Овој центар, според упатените, покрај со лекарски тим, треба да располага со специјална опрема за гасење пожар на вода и интервенција при еколошки инциденти.

Според него тогаш надлежните служби многу поефикасно ќе можат да одговорат на разните предизвици, како што беше потонувањето на бродот „Илинден“, пожар на пловен објект или еколошки инцидент.
Советникот Томислав Тунтев, смета дека безбедноста и заштитата на Охридското Езеро треба да бидат приоритет на локалната и централната власт кои се уште се препираат околу ингеренциите и надлежностите кои во овој момент се во раце на државата.

Според анализите на Хидробиолошкиот институт нафтата што пред две недели беше испуштена во Охридското Езеро не предизвикала поголемо загадување на крајбрежјето, а покрај најавите на надлежните служби дека одговорните за еколошкиот инцидент најстрого ќе бидат санкционирани, случајот засега се сведе на поднесување кривична пријава против непознат сторител.











