Изложба на фотографии со наслов „Над кулисите“ од фотографот Александар Томовски беше отворена вчеравечер во Предворјето на црквата „Света Софија“ во рамки на 63-тото Охридско лето.

Во целиот концепт исполнет симболика и филозофија, беа изложени 12 фотографии испечатени на врвна Hahnemühle FineArt хартија во голем формат, кои од уникатна птичја перспектива доловуваат балетски изведби на сцената на македонската „Национална опера и балет“. Некако по навика возвишеното го бараме со залутан поглед нагоре, па овие фотографии пробуваат да одговорат на тоа – што ако се издигнеме повисоко и со поглед надолу сведочиме една возвишена креација манифестирана како спој на музика, движењата и формите, шаренила, приказни и емоции, вели Томовски.

Најверојатно на истиот начин како што се најдов и зад кулисите, воден од љубопитноста и истражување нови перспективи на повеќе или помалку познати приказни кои веќе подолго време ги „ловам“ на и околу сцената на македонската „Национална опера и балет“. Воедно и заради комплексноста и напорот да се создаде едно вакво уметничко дело, за кое ретко кој друг театар нуди вакви технички можности, појаснува Томовски.
Александар Томовски е роден 1985 година во Скопје. Тој е софтверски инженер, но и фотограф и филмаџија во останатото време.

Низ годините, Томовски учествува на престижни меѓународни натпревари и групни изложби во истакнати галерии, стекнувајки се со бројни златни, сребрени, бронзени медалји, почесни награди, дипломи, признанија…
OhridNews










