Поради бројните настани викендов во Охрид, на кои присуствуваат високи политичари, на периоди отежнато се одвива сообраќајот во делови од градот и надвор од централното подрачје. Таква сликата утрово беше на улицата „АСНОМ“ каде колони автомобили чекаа да бидат пуштени да се приклучат на булеварот „Туристичка“.

Со цел непречено одвивање на предвидените настани и активности пред отворањето на годинешниот фестивал „Охридско лето“, во Охрид на сила се посебни безбедносни мерки.

Во делот на сообраќајот, на булеварот „Туристичка“, на булеварот „Македонски Просветители“ и кејот „Македонија“ од кружниот тек кон улиците „Цар Самоил“, „Коста Абраш“ „Илинденска“, „Кирил и Методиј“ и „Абас Емин“ како и кај паркинг просторот кај „Горна Порта“ и другите приоди кон Античкиот театар, забрането е запирање и паркирање на патнички и други моторни возила вклучително и на регионалниот пат Охрид-Св.Наум, во делот кон хотелскиот комплекс „Инекс“.

На овие места, има присуство на полициски службеници кои вршат физичко регулирање на сообраќајот и непречено движење на возилата со придружба. Покрај овие, предвидени се и други безбедносни мерки на подрачјето со цел, зачувување на стабилната и поволна безбедносна состојба во областа на јавниот ред и мир, соопшти СВР Охрид.

Од СВР Охрид апелираат до граѓаните поради огромното значење на фестивалот на домашен и меѓународен план, да покажат разбирање за мерките, да ги почитуваат насоките на полициските службеници и со цел избегнување сообраќаен метеж, доколку немаат итна и неодложна потреба, да се воздржат од користење на своите приватни возила.

Петровден вообичаено се смета за почеток на туристичкиот шпиц во Охрид, што дополнително го оптоварува сообраќајот во градот, што создава нервоза кај граѓаните, а особено помеѓу возачите.

OhridNews