Царинските службеници од граничниот премин „Свети Наум“, вчера попладне спречиле обид за нелегално внесување на 3 кг марихуана, при што биле уапсени еден македонски и еден израелски државјанин.

Како што информираат од Царинската управа, вчера околу 17.30 часот за влез во Република Македонија на граничниот премин Свети Наум пристигнал автомобил со албански регистарски таблички, управуван од албански државјанин, во кое како патник патувал македонски државјанин.


Царинските службеници пристапиле кон рутински преглед, при што во патните торби сопственост на патникот, пронајдени се три најлонски кеси со непозната тревкаста материја, обвиткани со маици и сместени помеѓу алиштата. Со тестирање на материјата  утврдено е дека станува збор за марихуана во вкупна тежина од 3 кг. По откривањето на случајот и брза акција на царинските инспектори од Одделението за истраги, во Охрид бил лоциран израелскиот државјанин со унгарски пасош, сопственик и организатор на транспортот на дрогата.

Според изјавите на осомничените , тие меѓусебно се запознале преку социјалните мрежи една недела пред критичниот ден преку трето лице од Израел и ја договориле набавката и преносот на дрогата.

На 15 –ти овој месец, за сума од 1050 евра, израелскиот државјанин ја набавил марихуаната од Албанија, но не ја пренел во Македонија, туку ја сокрил во грмушки во близина на албанско-македонската граница, а границата ја поминал пеш. Подоцна се договорил со македонскиот државјанин за сума од 1500 евра, да му ја пренесе дрогата преку граница и подоцна ја смести во својата семејната куќа во Велес.Дрогата било предвидено да се пренесе во Берлин.

Против сторителите, Царинската управа ќе поднесе кривична пријава за „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ до охридското Јавно обвинителство, а сторителите ќе бидат изведени пред истражен судија.

OhridNews