На само 15 километри од Охрид, на патот за Битола, во подножјето на селото Куратица, во непосредна близина на Прентов мост, се наоѓа рибникот – ресторан „Рајска долина“. Идеално место за бегство од летните гужви и жештини во градот, кое плени со својот спокој.

Амбиентот во „Рајска долина“ го надополнува жуборот на локалната река чија бистра и чиста вода тече низ езерцата полни со риба. Тука се одгледува автохтона охридска пастрмка, речна пастрмка и крап.

Што и да посакате, ќе ви биде подготвено тазе и со мерак од вредните раце на персоналот и домаќините. Тие ем готват убаво, ем го уредуваат просторот убаво. Свежата риба која се лови по желба на гостите, може да ја вкусите во ресторанот покрај реката, на терасата или на некој од летниковците околу езерцата каде пирка свеж планински воздух.

Се што нудат во „Рајска долина“ е органско и автохтоно, од рибата до намирниците од локалните бавчи и сирењето од Плаќенска планина. А услугата е како храната. Чиста петка. Затоа и не чуди што често тука застануваат луѓето на пропаување, од околните градови, пак, специјално доаѓаат на тазе „рибешко“, а странските туристи ја обожуваат турата со рајски ручек.

За најмладите има детско катче со забавни реквизити и прекрасно уредени паркови по кои се шетаат патки и зајаци.

Доколку уживате во рибни специјалитети и сакате малку мир од градската врева, посетете ја охридската „Рајска долина“ која во лето е отворена за посетителите секој ден од 11 до 20 часот.

OhridNews
фото: Анамарија Момироска