Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Богдан Илиевски, или познат во јавноста како Бетмен Велит, еден од организаторите на протестите на „За заедничка Македонија“, попладнево е спроведен во кривичниот суд во рамките на истрагата за упадот во Собранието што се случи на 27 април, јавува „Макфакс“.  Неофицијално тој сам се пријавил откако разбрал дека го бараат истражните органи.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција денеска соопшти дека предистражната постапка за настаните од 27 април е завршена. Од таму велат дека по разгледување и анализа на прибраниот доказен материјал, Обвинителството донело наредба за спроведување истражна постапка против триесет и шест лица поради основано сомнение за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик за кое е предвидена минимална казна затвор од најмалку 10 години. Обвинителството бара изрекување мерка притвор за приведените. Распитот се уште трае.

Пред кривичниот суд приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ протестираат против денешните приведувања. Меѓу присутните е и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и функционери на ВМРО ДПМНЕ.

-Срамота е патриотите да лежат во затвор додека терористите се на слобода, изјави Ивица Коневски од ВМРО-ДПМНЕ, кој се приклучи кон демонстрантите од опозицијата што протестираат пред кривичниот суд.

„За настаните во Собранието на 27 април треба да одговараат тие што направија пуч во државата и насилно ја презедоа власта“, смета Коневски.

Актерот Тони Михајловски,  рече дека луѓето утрово се приведени неправедно и дека не нападнале никого. Тој нагласи дека заедничка Македонија повеќе не постои, а нема да постои ниту Македонија. Како што рече, ова е смислено сценарио за да се уништат кариерите на одредени видни личности.

„Верувам дека сето ова ќе се отплетка и ќе видиме кој го нарачал и чие сценарио е“, рече Михајловски.

Дел од демонстранти пред кривичниот суд ја нападнале екипата на „Макфакс“, која известува за протестот. Еден од нив, на чекор од полицискиот кордон, со рака му ја покрил камерата на снимателот и го спречил во извршувањето на работната задача, а новинарот се пожали дека во турканицата му биле одземени дел од работите што држел в раце.

Во врска со денешните случувања вечерва обраќање пред нацијата најави претседателот Ѓорѓе Иванов.

OhridNews
извор: „Макфакс“