Сопственици на пет станови од зграда на улица „Карпош Војвода“ изградена од АДГ „Трудбеник“ , поради нерешени односи на релација АДГ „Трудбеник“ и Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, се соочуваат со можна заплена на становите, иако поседуваат документи дека становите се целосно или во најголем дел платени.

Проблемот настана пред неколку месеци кога ни беше одбиено барањето за издавање имотни листови за становите, со образложение дека односните станови се на листа на Јавното претпријаите за стопанисување со станбен и деловен простор за присилна наплата на долг што кон претпријатието го има АДГ „Трудбеник“, објаснуваат засегнатите станари.

Од страна на побарувачот бил ангажиран судски извршител, со налог да изврши попишување на становите, истовремено заканувајќи им се на сопствениците со можно иселување и заплена. Оштетените сопственици на становите таквата постапка ја обжалиле пред надлежниот Основен суд во Охрид, кој согласно документите за купопродажба ја прифатил жалбата и издал решение со кое се забрануваат какви било активности од страна на извршителот, до целосно расветлување на случајот.

Во моментов предметот е префрлен пред Апелацискиот суд во Битола каде се води постапка за докажување на сопственоста врз становите, со забелешка дека било какви активности за попишување се забранети. Таквата одлука извршителот, ангажиран од Јавното претпријатие ја обжалил, но независно судската забрана, продолжило присилното попишување на становите, нивно обивање и менување на бравите.  

Сопствениците на становите сега се доведени во ситуација по судски пат да ја докажуваат неоспорната сопственост, за која поседуваат уредни уплатници. Истите веќе неколку месеци се во неизвесност, стравувајќи за својот имот.

Правно недозволиво е сувереното право на сопственост да биде оспорувано од страна на државата, која наместо своите побарувања да ги спроведува преку имот на должникот, истите да ги спроведува преку луѓето кои становите си ги купиле со свои средства, потенцираат во својот допис до медиумите сопствениците на становите.

OhridNews