Легалните станоиздавачи бараат надлежната инспекција да не замижува пред проблемите, туку да излезе на терен и да изврши контрола кај „Охридска банка“, „Автобуска“, „Пошта“ итн. и да провери колку од луѓето што тука нудат сместување, легално работат.
– Доволно е да се фатат 10-на прекршители и строго да се казнат, мерките кои се изречени да бидат објавени во медиумите, па да размислат сите дали би издавале на црно, велат легалните станоиздавачи, кои се надеваат дека надлежните служби ќе прекинат да го игнорираат овој долгогодишен проблем и ќе почнат да ја вршат работата за која ги плаќаат даночните обврзници.
Покрај легалните станоиздавачи од нелојалната конкуренција се жалат и туристичките агенции. Дел од нив во обид да го заштитат бизнисот во кој вложиле милиони денари ангажираа приватно обезбедување пред објектите, бидејќи се случувало гостите да им бидат „однесени“ пред нос.