Денеска на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ , по втор пат стартуваше програмерскиот маратон „Codefest“, кој оваа година е најавено да трае 32 непрекинати часови. Овогодинешниот настан кој се организира под слоганот Celebrating Code, успеа на едно место да ги собере повеќе од 130 млади програмери од цела Македонија, кои развиваат креативни и иновативни идеи со добар бизнис потенцијал.
Како што велат од организациското тело на настанот, предводено од тимот H-Sense, кој е креатор и иницијатор на овој настан, покрај големиот број програмери кои присустуваат на големиот настан, ангажирани се и волонтери, а неизоставен дел е поддршката од спонзорите.
„Маратонот се организира втора година по ред. Како што спомнав претходно, за разлика од ланската, оваа година настанот е од пообемен карактер, а ќе трае 32 часа. Имаме околу 130 програмери кои можат да програмираат на која била платформа, а тука се и волонтерите и спонзорите како дополнителна поддршка за целокупниот настан.“ – вели Вилијам Асиама од организациското тело на настанот.
„Codefest 2014“ се одржува во знакот на креативноста и иновацијата и бизнис вредноста на идеата, која секој од тимовите ќе има можност ја претстави.
„Оваа година се обидовме да го донесеме целиот настан на едно повисоко ниво. Со тоа што се вклучени и неколку компании, кои на еден начин треба да прикажат како се работи во нив пред самите учесници и студенти. Главната цел ќе бидат идеи со високо креативна и бизнис вредност, идеи кои добро би се пласирале на пазарот.“ – вели Јасна Тренгоска од организациското тело на настанот.
Задоволство од настанот кој ќе трае до утре до 17 часот, изразија и волонтерите кои се директно ангажирани за ова маратонско програмирање.
„Чест ми е да бидам дел од овој голем настан, во кој што им се дава можност на многу млади информатичари и студенти, да ги прикажат своите идеи. Оваа година организацискиот тим покажа дека има капацитет за еден поголем настан, кој што е двојно поообемен од минатата година. Се надевам дека и во наредните години, ќе успееме да собереме ваков тим, којшто работи како екипа. Исто така, се надеваме дека овие два дена ќе ги поминеме со многу леснотија и ќе го направиме овој настан да биде сосема успешен, како што и досега се покажа.“ – велат Хана Каљоши и Димитар Зафировски.
Во рамките на настанот организирана е и хуманитарна акција за прибирање облека, книги и финансиски средства, од страна на волонтерите од Клубот на млади при општинскиот Црвен крст.
„Црвениот крст Охрид ја продолжува соработката со УИНТ „Св. Апостол Павле“ Охрид. Учесниците донираа облека, книги и финансиска помош за социјално ранливите семејства, а потоа Црвениот крст ќе се погрижи истите да стигнат до вистински раце. Со тоа, Црвениот крст и заедницата на информатичари, докажуваат дека се грижат за доброто на заедницата.“ – изјави Елена Наумоска, лидер на младите во Црвениот крст Охрид.
OhridNews