Над 70 отсто од економистите и над 50 проценти од правниците би ја промениле професијата, покажува истражувањето на Brainster.
На крајот на минатата година Brainster лансираше алатка за кариерно советување, која е бесплатна за користење за сите. Целта на алатката е да им помогне на корисниците да ја почнат потрагата по „вистинската кариера“, како и да ја истакне потребата од потемелно кариерно советување. Оваа алатка изминатиот месец ја искористија над 7000 лица. Во рамки на прашањата на кои корисниците одговараат при користењето на алатката има и прашања поврзани со нивните тековни и посакувани кариери.
Според резултатите од одговорите на овие прашања, областа ИТ, програмирање и технологија е најпосакувана професија за најголем дел од учесниците – дури 17,3 отсто од учесниците ја издвоиле оваа професија како најпосакувана. Втора најпосакувана област е Дизајн и графички дизајн со 13,9 проценти. Понатаму следуваат бизнис (9,7 отсто), здравство и фармација (седум проценти), социологија и психологија (6,2 отсто), ликовна уметност (5,7 проценти) и менаџмент (5,3 отсто) како посакувани професии од страна на учесниците во квизот.

По однос на распределбата на интересите за одредена професија според полот на учесниците, забележително е дека се уште постои таканречениот „родов јаз“ кај областите како ИТ, технологија и програмирање, како и областа Бизнис, бидејќи процентот на машки испитаници кои ги избрале овие професии како посакувани е многу поголем од процентот на женски испитаници (28 отсто наспроти 12 во првиот случај и 15 проценти наспроти седум отсто во вториот). Спротивното е случај кај областите Дизајн, Маркетинг и Здравство и фармација каде испитаниците кои ги навеле овие професии како посакувани се во видливо поголем број од женски пол.
Мошне интересни се резултатите добиени со вкрстување на моменталната и идната професија на учесниците кои одговориле дека се моментално вработени. Тоа покажува дека најголем процент од учесниците кои работат во Дизајн и графички дизајн (72 отсто) како и ИТ, програмирање и технологија (68 проценти) се изјасниле дека токму тоа е кариерата од нивните соништа и дека не би ја смениле професијата.
OhridNews












