Во рамки на проектот „Јакнење на капацитетите на јавните комунални претпријатија преку набавка на опрема“ денес беше испорачана новата опрема за ЈП „Водовод“ Охрид.
Станува збор за товарно возило, камион кипер марка исузу, со двојна кабина набавено преку проектот кој е одобрен од страна на Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, а реализиран од Центарот за развој на Југозападниот плански регион во партнерство со Општина Охрид.
Општина Охрид континуитано работи во насока на подобрување на јавните комунални претпријатија и овозможува поголема ефикасност во работењето. Само во текот на оваа година инвестиравме значителни средства во набавка на опрема и обезбедивме повисок квалитет за услугите на граѓаните. Новото возило се очекува да придонесе за поголема ефикасност на Секторот за водоснабдителни објекти, производство и третман на вода за пиење во ЈП „Водовод“. Ќе се обезбеди поефикасно и поекономично извршување на работните обврски, потребите за транспорт на вработените, пропратниот алат и полесните градежни машини до местото каде е потребно да се вршат одредени интервенции, како и за одведување на ископаниот материјал од градилиштето до депонијата за градежен шут. Се надевам и во иднина дека ќе продолжиме со имплементација на многу значајни проекти во Охрид во сите населени места, рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Директорката на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска истакна дека вкупната вредност на проектот е 8,1 милион денари од кои 1 400 000 денари се сопствено учество на Општина Охрид, додека остатокот е од Програмата за рамномерен регионален развој 2022/2023 година преку Бирото за регионален развој.
Во рамки на истиот проект претходно набавени се два трактори со придружна опрема за ЈП „Нискоградба“ и ЈП „Охридски Комуналец“, а партнер во овој проект покрај Општина Охрид беше и Општина Дебрца каде набавивме 323 канти за отпад со капацитет од 240 литри. Во рамки на истата програма Центарот спроведува и два други проекти. Едниот е за енергетска ефикасност на јавни објекти и искористување на обновливи извори на енергија и другиот изградба на патна инфраструктура за развој на руралниот туризам. Вкупната вредност на сите три проекти преку оваа програма е 56 милиони денари, додаде Лозаноска.
Директор ЈП „Водовод“ Охрид, Марјан Ристески истакна дека после пет-шест години се набавува прво вакво возило за потребите на претпријатието и изрази надеж дека и во иднина ќе има уште повеќе вакви проекти во соработка со со Општината и Бирото за регионален развој.
Ова наменско возило ќе ги задоволи потребите во делот на транспортот, пренесување на материјали, да може една цела екипа да излезе на терен со пропратен алат за да се изврши една целосна услуга. Возниот парк се надевам дека и во иднина ќе продолжи да се обновува, додаде Ристески.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска