Зајакнувањето на соработката, како и продолжување на започнатите процеси за заедничко справување со современите безбедносни предизвици, се во фокусот на петтата Конференција на началниците на генералштабовите на армиите од балканските земји, што се одржува во Охрид.


Конференцијата  на која учествуваат началници, заменици началници и претставници на армиите на  Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Романија, Србија, Црна Гора и на Турција ја отвори претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов кој посочи дека Балканот денес активно придонесува за безбедноста на поширокиот регион.

– Пред една деценија Балканот и на Балканот се роди нов дух на соработка. Напредувајќи кон интеграциите, Балканот престана да биде хроничен извозник на  нестабилност и наместо тоа, градејќи ја својата безбедност, стабилност и градејќи го сопствениот мир, се трансформира во активен придонесувач кон регионалната и пошироката безбедност и стабилност, истакна Иванов.


Според началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Мирослав Стојановски,  собирот во Охрид претставува одраз на заедничките напори за зајакнато партнерство на земјите од опкружувањето  според стратегискиот НАТО концепт, но и остварување и промоција на одржливата регионална безбедност и стабилност.

-Координацијата, постојаното надградување, дополнување на постојните регулативи за Конференцијата на началниците на генералштабови на балканските земји, унапредувањето на меѓуармиските комуникациски можности и спроведувањето на заедниките обуки, образование и вежби, несомнено ќе придонесат за унапредување на безбедноста на регионот и јужното крило на НАТО и ЕУ, рече Стојановски, додавајќи дека  заедничките напори ќе ги подобрат степенот на одбранбена подготвеност и ќе ги унапредат способностите и капацитетите за одговор на вонредни околности и кризи.


На Конференцијата во Охрид, која има за цел промовирање на мирот и стабилноста во регионот и пошироко, како гости  присуствуваат заменик-претседавачот на Воениот комитет на НАТО, командантот на Здружената команда на НАТО во Неапол, заменикот на директорот за планирање на командата на силите на САД во Европа, заменикот на началникот на ГШ на Словенија и заменикот на началникот на ГШ на  Хрватска.

OhridNews