Националниот џез оркестар вечерва со почеток во 21 часот ќе настапи на сцената „Долни Сарај“ во рамки на „Охридско лето“, каде пред охридската публика ќе ја претстави концертната програма „Македонски сновиденија“.

„Македонски сновиденија“ претставува значаен исчекор во уметничкиот развој на Националниот џез оркестар. За првпат од своето формирање, оркестарот создаде програма составена од нови аранжмани на македонски народни песни и оригинални композиции инспирирани од домашната фолклорна традиција, создавајќи уникатен спој на традицијата и современиот музички израз.
Овој уникатен проект веќе постигна огромен успех на меѓународната сцена. Во ноември 2025 година, оркестарот реализираше исклучително успешна европска мини-турнеја, претставувајќи ја македонската музичка приказна во големата сала „ELTE“ во Будимпешта, модерниот културен центар „La Fabrika“ во Прага, како и во легендарниот џез клуб „Porgy & Bess“ во Виена. Низата меѓународни успеси продолжи и во мај 2026 година, кога истата програма беше изведена во Брисел, во престижниот културен центар „BOZAR“, каде оркестарот уште еднаш беше пречекан со стоечки овации и високи оценки од европската публика.
Националниот џез оркестар е еден од водечките биг-бенд состави во регионот, препознатлив по својата уметничка извонредност, современ пристап и силна посветеност кон развојот на современата џез музика. Оркестарот обединува врвни домашни џез музичари и меѓународно признати гости-уметници. Основан како национална институција во 2024 година, тој брзо стана централна сила во културниот живот на земјата. Со иновативна програма и распродадени настапи, тој изгради репутација како национален џез бренд. Меѓу гостите солисти до сега се истакнуваат Курт Елинг, Јелоуџекетс, Курт Розенвинкел, Марија Мендеш, Дони МекКаслин, Алаин Перез, Ренато Кико, Дон Менца, Шеун Кути, Зиги Фајгл, Луис Бониља, Франческо Беарцати, Мајк Холобер, и други меѓународно признати уметници. Сите тие придонесоа за растечкиот меѓународен профил на оркестарот.
OhridNews










